Обвинителот Коле Штериев денеска е избран за нов претседател на Советот на јавни обвинители. Штеријев доаѓа на местото на Петар Аневски, кој од семејни и лични причини си поднесе оставка на 29 август. За Штериев гласале сите членови на Советот.
Обвинителот Штериев за член на Советот е избран пред една година. Претходно работеше во Вишото јавно обвинителство и Обвинителството за организиран криминал.
Новиот претседател на Советот на јавни обвинители вети поголема транспарентност во работењето и подобрување на имиџот на Советот.
„Ќе се обидам да ги искористам и моите и капацитетот на Советот за да го вратиме угледот на институцијата. Но, тоа ќе го кажам кога тоа ќе го направиме“, изјави Штериев после изборот за претседател на Советот на јавни обвинители.
Штериев рече дека во наредниот период ќе ја интензивираат соработката со Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
„Дел од впечатоците во јавноста беа дека Советот бил во конфликт со СЈО. Тоа не беа впечатоци, туку состојба. Причините не треба да ги барате само во Советот. Туку да не навлегуваме на првиот ден од изборот во тоа прашање“, рече Штериев.
Досегашниот претседател Петар Аневски беше избран за претседател на Советот на јавни обвинители на 30 јуни, 2014. Според Законот за Советот на јавни обвинители, претседателот на Советот се избира од членовите на Советот, од редот на избраните јавни обвинители, со мнозинство гласови од вкупниот број членови со тајно гласање.
Г. ТРПЕНОСКИ