Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД имале малку среќа затоа што ураганот Ирма излезе од оригиналната линија на движење и сврте западно долж брегот на Флорида. Тој нареди да се обезбеди федерална помош на оваа сојузна држава и официјално објави состојба на голема катастрофа.
„Ирма, можеби, не беше така деструктивна како што првично очекувавме, но тоа ќе биде појасно во наредните неколку часа. Овој ураган ќе не чини многу пари, но моментално не мислиме на тоа. Сега мислиме само на животите“, изјави Трамп од претседателската резиденција во Мериленд, од каде што викендов го следеше развојот на ситуацијата.
„Мајами хералд“ објави дека ураганот предизвикал големи штети на архипелагот Флорида Киз, а во Мајами, плимниот бран навлезе до центарот на градот, претворајќи ги улиците во реки.
Плимниот бран го погоди и градот Нејплс, каде што нивото на водата порасна за 182 сантиметри и е измерена рекордна брзина на ветер од 220 километри на час. Јужно од овој град, „окото“ на Ирма стигна до континентална Флорида и ако продолжи да се движи во таа насока, ќе ослабне до категорија 2, што ќе предизвика само локални минимални поплави.
Следниот град што му стои на патот е Тампа, каде што живеат три милиони луѓе.
„Овој ураган ќе не удри директно в лице“, кажа градоначалникот на Тампа, Боб Бакхорн.