Депонијата која што ќе се гради во Дебарца, кај селото Годивје, нема да биде опасна за жителите и за животната средина, тврдат надлежните за реализација на овој проект. Откако жителите на Дебарца бараа стопирање на проектот, а градоначалникот Игор Трајковски најави и референдумско изјаснување за депонијата, надлежните за проектот за управување со отпад убедуваат дека ќе бидат преземени сите мерки за заштита.
„Жителите од Дебарца ќе имаат можност да видат повеќе документи за тоа што ќе се прави и како ќе се прави. Ги уверувам дека овој проект нема да им наштети. Ќе се примени систем кој ќе управува со отпадот, а депонијата е еден мал дел од целиот тој систем. Сѐ што ќе може ќе се рециклира, ќе се преработи. Она што ќе преостане е еден мал дел и ќе оди на депонијата. Но, и таа нема да биде депонија какви што денес ги имаме”, изјави Ангела Чиповска од проектот за управување со отпад за четирите региони.
Регионот на Дебарца е главно сливно подрачје на Охридското езеро кое е под заштита на УНЕСКО, а се смета и за чиста еколошка средина која не е згадена.
Д.ЧУБРИЌ