Објектот на Македонската филхармонија сѐ уште нема употреба дозвола иако свечено отварање беше на 22 мај. Министерството за транспорт и врски вели дека на 19 јуни го одбило барањето на Министерството за култура за издавање одобрение за употреба, бидејќи била доставена некомплетна документација. Од ова Министерството денеска не добивме одговор кога било доставено барањето од Министерството за култура, односно дали тоа било уште пред отварањето на концертната сала на 22 мај или потоа.
Неизвесно е и дали новата концертна сезона на Македонската филхармонија, која свечено треба да почне на 21 септември, ќе биде во новата зграда или пак во Домот на АРМ.
До 1 јуни техничка министерка за култура беше Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ и Филхармонијата се отвори една недела пред функцијата да ја преземе Роберт Алаѓазовски, со гала концертот на Симон Трпчески и славниот диригент Владимир Ашкенази од Русија. Тогаш, САКАМДАКАЖАМ.МК напиша дека ВМРО-ДПМНЕ го киднапираше историското отворање на салата на Филхармонија за партиска журка. На отворањето дојде највисокиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ, а не беа поканети претседателот на Собранието Талат Џафери, ниту пак мандатарот за Влада Зоран Заев.
ВМРО-ДПМНЕ И ГРУЕВСКИ ГО КИДНАПИРАА ИСТОРИСКОТО ОТВАРАЊЕ НА НОВАТА ФИЛХАРМОНИЈА ЗА ПАРТИСКА ЖУРКА
„Барањето на инвеститорот-Министерство за култура за издавање на Одобрение за употреба на ‘Голема концертна сала на Македонската Филфармонија 1 фаза’, поради некомплетна документација со решение број 28УП-254/17 од 19.06.2017 е одбиено. Согласно законските прописи, сè до издавање на Одобрение за употреба, Mинистерството за транспорт и врски објектот го води како објект во градба“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за транспорт и врски.
Министерството додава и дека нема законска надлежност да бараат одговорност од инвеститорот за непочитување на законските прописи и дека сега земјиштето се води како сопственост на Република Македонија.
Зградата уште не е впишана ниту во Катастарот. Според извод од Катастарот од 10 септември, 2017, на парцелата каде што е изградена Филхармонијата има камењар од 3.347 метри квадратни и земјиште под зграда од 65 метри квадратни.
„Доколку инвеститорот одлучи објектот да го предаде на користење на Македонска филхармонија, тоа може да го стори откако ќе биде издадено Одобрението за употреба, со посебна одлука на Влада. Тоа што земјиштето се води како камењар е обврска на Општина Центар да направи ажурурање на податоците во Агенцијата за катастар на недвижности, бидејќи со самото усвојување на ДУП за конкретниот локалитет земјиштето станало градежно а општината имала обврска да го ажурира во Катастар“, велат од Министерството за транспорт и врски.
ФИЛХАРМОНИЈАТА НЕМА ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ ОТИ ЌЕ СЕ ГРАДИ УШТЕ НАЈМАЛКУ ПОЛА ГОДИНА
Новата концертна сала е прв дом на Филхармонијата во 73-годишното постоење, а со неколку паузи се градеше осум години, од март, 2009, на површина од 12.400 квадратни метри на просторот помеѓу Македонската опера и балет (МОБ) и Факултетот за музичка уметност (ФМУ). Скандал се случи во 2013, кога банкротираше австриската градежна компанија „Алпине бау“, па карабината продолжи да ја гради скопската градежна фирма „Гранит“, за 4, 7 милиони евра. По неколкумесечна стагнација, Министерството за култура склучи договор со австриската фирма „Штрабаг АГ“ за целосно внатрешно уредување на новата сала, вреден речиси 27 милиони евра.
Според датабазата на Призма за објектите на „Скопје 2014“, Филхармонија чини 39.9 милиони евра, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на 21 мај, ден пред свеченото отворање, ја посети зградата и доби плакета од тогашната директорка Маја Чаначевиќ, рече дека чини 37 милиони евра. На поставувањето на камен-темелникот во 2009, беше најавено дека Владата во проектот вложила 6 милиони евра.
Чаначевиќ беше сменета на 28 јули, по 11 години на функцијата, а ја замени како в.д. директор Виктор Илиески.
А. АНТЕВСКА