Новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, кој вчера беше уапсен во Нови Сад, синоќа околу 21.30 часот бил екстрадиран во Македонија, потврдија за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).
– Постапката беше завршена синоќа околу 21.30 часот. Неа ја спроведува Министерството за правда, а МВР беше известено за постапката – ни рекоа од МВР.
Неофицијално, Божиновски бил префрлен во Истражниот затвор Скопје, во населбата Шуто Оризари, а понатамошната постапка против него е во надлежност и ќе ја спроведува Министерството за правда.
Божиновски вчера беше уапсен во Нови Сад по налог на српското министерство за правда, а врз основа на меѓународната потерница која беше распишана против него во ноември 2013 година, како осомничен во случајот „Шпион“.
Ова е второ апсење на Божиновски во Србија, каде тој престојуваше неколку години. Првиот пат тој беше уапсен во ноември 2013 година во Нови Сад, по потерница преку Интерпол и помина повеќе од една година во екстрадициски притвор, по што беше пуштен да се брани од слобода со одлука на српскиот Апелациски суд.