Битолскиот градоначалник Владимир Талески веќе неколку дена не се има појавено на работа, дознаваме од извори во Општината.
Стотина битолчани и денес на пладне се собраа на едночасовен мирен протест пред општинската зграда барајќи негова оставка. Го довикуваа „излези Владе на тераса како на театарска сцена“, но градоначалникот не беше во општината. Не се појавил на работа откако почнаа да паѓаат притворите за случајот „Транспортер“ во кој тој, секретарот на општината, превозници и директори на училишта се осомничени дека организирале школски превоз поскап од Токио.
Веќе втора недела траат протестите пред Општинската зграда. Минатата недела неколку пати тие беа насилни, па имаше и мали инциденти во кои полесно беа повредени полицајци и демонстранти. Општинската зграда е обоена со разни бои во рамките на „Шарената револуција“, која покрај Скопје ја зафати и Битола.
Агенцијата „Мета“ пред неколку дена јави дека во општинската администрација владее вистинска паника откако почнаа сослушувањата и притворите за злоупотребите со јавниот превоз на учениците што ги истражува Специјалното јавно обвинителство. Многумина баш сега почнале да ги користат годишните одмори и измислувале службени патувања.