Генералниот директор за европска соработка Матејс ван дер Плас ја истакна одличната соработка што постои помеѓу Македонија и Холандија при неговата посета на Скопје, кога се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров и со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, соопшти Холандската амбасада во Скопје.
„Тој ја потенцираше важноста на националното единство, отчетноста и владеењето на правото во овој процес, како и потребата да се врати довербата на македонските граѓани во политичкиот систем“, се вели во соопштението.
Ван дер Плас, кој е и заменик-министер за надворешни работи на Холандија, потврди дека неговата земја ќе продолжи посветено да ја поддржува Македонија во исполнувањето на реформите, како дел од процесот за пристапување кон ЕУ и НАТО.
„Холандија и Македонија имаат долга традиција на пријателски односи. Холандија отсекогаш соработувала со сите политички партии и влади, бизнис–секторот и со граѓанското општество, се во интерес на граѓаните на Република Македонија. Нашата политика на строгост и правичност значи дека сме строги во придржувањето до критериумите и дека сакаме да бидеме покрај вас како конструктивен партнер во интегративниот процес, откако сите неопходни услови ќе бидат исполнети“, рече Ван дер Плас.