Мал број на судии на моќни позиции го контролираат и го злоупотребуваат судскиот систем, се вели во најновиот извештај на експертската група на Рајнхард Прибе за владеењето на правото во РМ, објавен денеска од Европската комисија. Поради тоа, Прибе не препорачува генерален реизбор на судиите, туку тоа малцинство на судии под политичко влијание кривично да одговараат ако има докази за нивна криминална одговорност. На секој судија што ќе биде разрешен за докажано несовесно работење треба да му се забрани да работи во правото на кое било ниво, препорачува експертската група.
„Контролата и злоупотребата на судскиот систем од мал број судии на моќни позиции за служење и промовирање на политички интереси не се намалени значително. Овие судии продолжија да вршат притисок на нивните колеги преку контрола на 5 системи за назначување, оценка, унапредување, дисциплина и разрешување, кои што се користат за наградување на послушните и казнување на непослушните. Ова малцинство на судии по политичко влијание треба да биде подложено на ефективни професионални и етички правила и каде што има докази за криминална одговорност, кривично да одговара за злоупотреба на службената должност. Секој судија разрешен за докажано несовесно работење да добие забрана за работа во правосудството на кое било ниво“, се вели во извештајот во делот за судскиот систем.
Експертската група на Прибе забележела и сериозни сомневања за злоупотреба на електронскиот систем на распределба на судиите (АКМИС) со цел чувствителни предмети да бидат доделени на одредени судии, место тоа да биде направено по случаен избор, како што е предвидено. Во извештајот пишува дека досега не е направенa ревизија на системот, бидејќи надлежните за тоа, Судскиот совет и Врховниот суд, не побарале да се направи тоа.