СО ЗАФАТ ОД 66 МИЛИОНИ, ИЗГУБЕНА Е СТРУЈА ОД 130 МИЛИОНИ ЕВРА, СОСТОЈБАТА СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА Е КАТАСТРОФА, ТВРДАТ ОД ЕЛЕМ

    СО ЗАФАТ ОД 66 МИЛИОНИ, ИЗГУБЕНА Е СТРУЈА ОД 130 МИЛИОНИ ЕВРА, СОСТОЈБАТА СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА Е КАТАСТРОФА, ТВРДАТ ОД ЕЛЕМ„За ревитализација на блоковите 2 и 3 во РЕК Битола претходното раководство потрошило 66 милиони евра, но таа не е добро изведена и ги намалила нивната моќност и капацитет за производство. Изгубени се по 40 мегават часови струја или 130 милиони евра“, вели Драган Миновски., новиот директор на АД ЕЛЕМ. (Фото:АД ЕЛЕМ)

    Состојбата со производство на електрична енергија во Македонија е катастрофална, рече Драган Миновски, новиот директор на АД Електрани на Македонија (АД ЕЛЕМ), на денешната прес конференција.

    „ Во 2006 биле произведени 6.510 гигават часови електрична енергија, во 2013 произведени се 5.113 гигават часови, а лани само 4.300 гигават часови. За годинава предвидувањата се дека ќе завршиме само со 3.600 гигават часови произведена електрична енергија, што не било никогаш, односно е рекордно ниско нивно на производство на АД ЕЛЕМ“, рече Миновски.

    Тој кажа дека анализата што ја направиле за да утврдат зошто опaѓа производството на струја, покажала дека претходните раководства, работеле недомаќински.

    „Недомаќинско и неодговорно работење утврдивме особено во периодот во последните неколку години, што е недозволиво во компанија, која што е најголем и единствен државен производител на струја и столб на македонската енергетика и економија. Годинава пак намаленото производство се должи на тоа што во текот на цела 2017 година не се направени редовните годишни ремонти на блоковите во РЕК Битола. Оставени се за сега, за есенските и зимските месеци, а требало да се направат во текот на пролетните и летните месеци.Претходното раководство не ги ремонтирало капацитетите и не ги подготвило за есента и за поголемата побарувачка во грејната сезона. И сега кога треба засилено да произведуваат, тие треба да бидат запрени за да работиме на нив“, вели Миновски.

    Во моментов намаленото производство на струја, според Миновски се должи и на тоа што не била добро изведена ревитализација на блоковите 2 и 3 во РЕК Битола.

    „Ова е капитален зафат за кој се платени 66 милиони евра, а кој место да ги зајакне блоковите, тој ја намали нивната моќност и капацитет за производство, поради што изгубени се во просек по 40 мегават часови струја или 130 милиони евра“, вели Миновски.

    Јагленокопите во РЕК Осломеј се исцрпени, а нови копови за јаглен не се отворени. Миновски вели дека нови копови за јаглен нема ниту на друго место,а не е обезбеден јаглен за да се носи во РЕК Осломеј, за да може и таа централа да работи.

    „ Лани претходното раководство ги впрегнало хидроцентралите до крајна мерка. Поради лошото менаџирање и поради недоволните дотеци на почетокот на оваа година, во моментов сите акумулации се толку исцрпени и потрошени, што нивото на водата во нив е спуштено под потребното ниво за безбедно и стабилно управување со системот. Еден генератор на хидроелектраната Козјак е надвор од погон веќе една година. Се расипал лани во септември и еве до овој септември не е поправен“, рече Миновски.

    Тој кажа декаа прават максимални напори да го зголемат производството на струја и до крајот на годината да се увезува што е можно помалку.

    „На 7 август годинава при примопредавањето на сметката на АД ЕЛЕМ имаше 7,3 милиони евра расположливи средства. Но, до крајот нагодината треба да платиме кредити во износ од 12 ,5 милиони евра. Што значи дека на сметката влегуваме во минус. На сметката на АД ЕЛЕМ имаше депозити во износ од 17 ,8 милиони евра, но тие пари се за ремонтите во термоелектраните, кои се вршат во моментот и за ископот на јаглен и јаловина во РЕК Битола до крајот на годината, како и за евентуалните набавки на електрична енергија во текот на зимскиот период“, рече Миновски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира