НЕУСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМОТ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО НОВО СЕЛО ОТИ ПОЛОВИНА ЖИТЕЛИ СЕ ИСЕЛЕНИ ВО СТРАНСТВО

    НЕУСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМОТ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО НОВО СЕЛО ОТИ ПОЛОВИНА ЖИТЕЛИ СЕ ИСЕЛЕНИ ВО СТРАНСТВОНад 3,500 жители што гласаа против рудникот Иловица најавија граѓанска непослушност и блокирање на сите приоди кон планината Огражден кога компанијата инвеститор ќе има било какви активности (Фото: СДК.МК)

    По Босилово, и референдумот против рудници во Ново Село не успеа. На 20-те гласачки места во Општина Ново Село не излегоа потребните 5.720 граѓани за да се изјаснат за или против рудникот за злато Иловица на планината Огражден, кој е во процедура да се гради. Според информациите од активистите на „Здрава котлина“, излегле под 40 отсто од запишаните граѓани со право на глас, со што не е исполнет законскиот цензус референдумското изјаснување да добие легитимитет.

    „Причината за неуспешноста на референдумот е избирачкиот список кој не соодејствува со реалната слика на теренот. Околу 40 отсто од граѓаните на Општина Ново Село, а може и повеќе, се иселени во странство. Во подгорските села се само возрасни стари луѓе. Дел од нив дојдоа да се изјаснат, но не беше доволно. За нас референдумот е успешен, бидејки околу 3.500 граѓани на Општина Ново Село кои живеат и работат овде, јасно кажаа дека се против изградбата на рудникот за смртта на Огражден“, велат од здружението „Здрава котлина“, иницијатори на референдумското изјаснување против рудници во општините во Струмичко.

    Граѓаните што денеска се изјаснуваа на гласачките места во Ново Село кажаа дека нема да дозволат да проработи рудникот за злато Иловица на планината Огражден, кој ќе врши ископ на руда од нивна територија. Најавија граѓанска непослушност и блокирање на сите приоди кон планината кога компанијата инвеститор ќе има било какви активности.

    „Со трактори, запрежни коли ќе излеземе. Нам овде приоритет ни е земјоделството и овошатарството. Лесно нема да се предадеме, нема да дозволиме над нашите глави да се минира, копа и преработува руда. Само треба да се подразмислат и да се засрамат тие што дозволиле да дојде работата до овој степен. Каде беа претходно како наши водачи да размислат дека рудник во земјоделски крај не бива“, рече Живко Пандев од Зубово, едно од селата во Општина Ново Село каде се гласаше.

    Во Југоистокот во изминативе месеци се реализираа шест референдуми. Поминаа референдумите во Гевгелија, Богданци и Дојран – општини во кои не се издадени концесии за експлоатација и во моментов не се градат рударски капацитети. Во Валандово, Босилово и Ново Село референдумите пропаднаа. Станува збор за општини каде веќе се градат или се во процедура да се дигаат рударски капацитети. Во Валандово „Сардич МЦ“ го гради рудникот Казандол каде ќе се произведува катоден бакар, а во Босилово и Ново Село во тек е постапката за изградба на рудникот за злато Иловица на „Еуромакс“ кој ќе врши ископ на руда и нејзина преработка за производство на злато и бакар.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира