Глутница волци заклала околу четириесетина овци во атарот на пелагониското и погранично село Живојно, вчеравечер кога овчарите Владо и син му Игор Стефановски го враќале стадото дома од пасење по околните ридови. Волците, стоката ја нападнале пред овчарите, а тие биле немоќни да преземат било што зашто ѕверовите биле повеќе на број.
„Искасапија повеќе овци. Доближи се до некоја закасај ја, друга задави ја, и така направија масакр. Која успеа да се спаси, која не, ја растргнаа. Стадото броеше над сто овци, по нападот недостигаат 36 овци за кои мислиме дека најверојатно ги распарчиле и изеле. Дел најдовме пцовисани по патот. Четири се вратија дома, меѓутоа изгризани и тие нема долго да живеат. Ретки се примерите да преживее овца касната од волк“, рече Нада Стефановска, сопственичка на овците.
Семејството егзистира само од одгледување на овци и ова е за нив голема загуба. Случајот ќе го пријават во подрачното Одделение за земјоделство во Битола со надеж дека ќе добијат отштета.
Жителите на Живојно се жалат дека селото е сардисано од волци и дека и животите на луѓето се во опасност.
„Сите сточари се жалат дека има многу волци. Сточарите ги сретнуваат волците по полето каде што одат со стоката, работат со трактор, а тие излегуваат од нивата, може да се сретнат и во село“, вели Стеафановска.
Селаните не смеат самите да ги застрелаат волците, туку треба да пријават во ловно друштво од каде ќе организираат хајка. Од ловните друштва велат дека волците се намножени и дека во реонот на Живојно во неколку наврати биле организирани хајки.
Ж. ЗДРАВКОВСКА