ИНСПЕКТОРИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА НЕ МОЖАТ ДА РАБОТАТ ОТИ ИМ СЕ ИСКЛУЧЕНИ ТЕЛЕФОНИТЕ

    ИНСПЕКТОРИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА НЕ МОЖАТ ДА РАБОТАТ ОТИ ИМ СЕ ИСКЛУЧЕНИ ТЕЛЕФОНИТЕНа фејсбук страницата на државниот инспекторат за животна средина објавени се и мобилните телефони на сите инспектори, за да бидат достапни за граѓаните, рече новиот директор Мирослав Богдановски. (Фото:СДК.МК)

    Државниот инспекторат за животна средина е со долг од милион денари и исклучени телефони поради неплатени сметки. Овој инспекторат не може соодветно да ја врши својата работа и поради тоа што има само 16 инспектори за животна средина, и мал буџет со кој главно се покриваат платите на вработените и многу малку остануваат средства за работење.

    Ова денес го кажа новиот директор на Државниот инспекторат за животна средина Мирослав Богдановски, кој додаде дека овој инспекторат со години бил запоставуван.
    „Проблемот со исклучените телефонски линии ќе го решиме веќе следната недела за да можат граѓаните и на телефон да доставуваат претставки, а наскоро ќе отвориме и СОС линија. Во меѓувреме отворивме Фејсбук страница, каде се објавени и мобилните телефони на сите наши инспектори и граѓаните можат директно да ги контактираат“, рече Богдановски.

    Тој најави дека планираат да го променат начинот на работењето на Инспекторатот и државните инспектори да одат и во контроли кога овластените инспектори за животна средина вработени во општините нема да направат надзор.
    „Планираме и законски измени за да има координација во работата меѓу државните и општинските инспектори, поточно со со овие измени државните инспектори за животна средина да можат да вршат стручен надзор врз работата на општинските инспектори. Во меѓувреме доколку некој општински инспектор за животна средина не реагира на барањата на граѓаните да изврши надзор за загадување на животната средина што е во ингеренција на општината, тие можат да го пријават во Државниот управен инспекторат“, вели Богдановски.

    Тој кажа дека се надева дека Владата за 2018 година ќе одреди соодветен буџет за да може овој инспекторат да одговори на задачите и дека ќе им одобри нови вработувања, бидејќи сегашниот број на инспектори е недоволен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира