(Од Берлин за САКАМДАКАЖАМ.МК Силвера Падори-Кленке)
Триминутната видео пародија за големата коалиција во Германија, три дена пред гласањето ја раздвижи монотоната изборна трка за парламентарните избори во Германија.
Ангела Меркел и Мартин Шулц, првите кандидати на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Социјалдемокрератите (СПД), не само што немаа вистински дуел, туку во изминативе недели само ја потврдија хармонијата и сѐ поголемите шанси и во наредниве четири години во Германија на власт ќе остане големата коалиција. Последнава недела, кандидатот на СПД Мартин Шулц како да се разбуди и се обиде да се дистанцира од ЦДУ и Меркел, но отворањето на очите се чини стигна предоцна.
Дека Големата коалиција е најверојатно иднината на Германија, најави и спотот пародија на првата програма на германската телевизија (АРД), емитуван во Утринскиот магазин (МОМА) кој вреди да се види и да се раскаже.
Под наслов „Брада или ромб“ (фигурата на дланките која стана симбол и карактеристика на Меркел), во пародијата главните улоги ги имаат Марин Шулц (брадата) и Меркел (ромбот), придружени од триото Андреа Налес (министерка за труд и социјала – СПД затегната во црвен шорц), Хорст Зехофер (шеф на сестринската Христијанско-социјална унија од Баварија) и Урсула фон дер Лајн (министерка за одбрана од ЦСУ во црвено фустанче и штикли).
Шулц и Меркел во дует на почетокот се споредуваат со звезди на небесната шир. Шулц ја гледа најубава светлина со златен сјај, а Меркел во сребрено сако забележува дека за него тоа е најубавата светлина. Во рефренот што следи танцува триото и заедно со двајцата кандидати го опишува она што сега го имаат и што им се нуди за иднината на избирачите од Германија.
„Брада или ромб, црвено или црно, брада или ромб, работа или Харц (социјална помош), се работи за сѐ и секој, голема и доверена моќ“.
Потоа, Шулц во костим за капење во црвено-бели риги ѝ се обраќа на Меркел велејќи ѝ дека е како танкер во немирно (бурно) море. Го има анкерот, но бродот е претежок. Меркел, пак, му одговара дека тој е неуреден маж, кој нема подем и прашува кога ќе се предаде и ќе ја „фрли крпата“?
„Се работи за брадата или ромбот, црвеното или црното, брадата или ромбот, работните места или социјална помош“, пејат сите заедно по што Меркел, во црвен кралски фустан, потсетува: „Мартин, ние и обајцата кон истото се стремиме, иднината не е далеку, ние сакаме радо и добро да живееме“. Шулц, пак, вели дека е време за праведноста на Меркел и обајцата ја тегнат гумата за спасување со име „Титаник“.
Место во спотот добија и партиските лидери кои се и тоа како заинтересирани да влезат во новата влада. Кристијан Линднер од ФДП (слободните демократи) и Катрин Геринг Екарт и Џем Остемир од Сојузот 90 Зелени. Тука се и претставниците на опозицијата. Сѐ попопуларната Сара Вагенкнехт од Левицата, која нема влакна на јазикот и која сѐ што гледа и кажува, како и врвот на ултрадесната Алтернатива за Германија (АфД) Александар Гауланд и Фрауке Петри, партија која според бројните прогнози може да стане трета сила во германскиот Бундестаг.
„Алекс е специјалист за науката за расите“, вели Фрауке Петри, а Александар потврдува „на мојата кравата има расни кучиња, а Фрауке (која е со бебето в враце) со месеци е во ‘беби блуз’“. Во овој дел од спотот има игра со зборови, па Фрауке вели дека нејзиниот поздрав е „Петри хајл“ ( поздрав на рибарите во Германија, на кој се одговара „Петри данк“).
На крајот повторно во центарот се Меркел и Шулц, кои велат дека тие се двоец, но има само едно слободно место.
„Ти мора да одлучиш, но Мартин е во секој случај тука“, вели Меркел обраќајќи се до гледачите и крунисувајќи го со жезлото Мартин, кој е на коленици пред неа и кој вели дека би можел да биде министер за надворешни, или за одбрана, на што Меркел дополнува : „премиерминистер (во некоја од покраините) или во најдобар случај за земјоделство“. И обајцата исчезнуваат во стаклената кугла на чија основа е изгравирано „ГРОКО 2017-2021“ (ГОЛема КОАиција).