ПО СЈО И ОЈО БИТОЛА ОТВОРИ СЛУЧАЈ ПРОТИВ ТАЛЕСКИ ЗА ПРЕВОЗОТ НА УЧЕНИЦИ

    ПО СЈО И ОЈО БИТОЛА ОТВОРИ СЛУЧАЈ ПРОТИВ ТАЛЕСКИ ЗА ПРЕВОЗОТ НА УЧЕНИЦИОсновното јавно обвинителство Битола отвори случај „Транспортер 2“. - Владимир Талески пред СЈО во јули 2016 година

    Битолската полиција, постапувајќи по наредба на Основното јавно обвинителство Битола, поднесе посебен извештај против градоначалникот Владимир Талески и уште пет други лица во врска со случајот „Транспортер 2“, кој што се однесува на распишан тендер за избор на најповолен понудувач за превоз на ученици во учебната 2015/2016 година, соопшти МВР.

    Според соопштението, шестмината, вработени во Општина Битола, се сомничат за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“. Според извештајот, пријавените на Општина Битола и причиниле материјална штета од 4.321.388 денари со тоа што не ја поништиле постапката за избор на најповолен понудувач, иако во тендерската постапка констатирале дека понудените цени за превоз на ученици во учебната 2015/16 се многу повисоки од реалните цени на пазарот.

    Талески минатата година беше три месеци во куќен притвор како првоосомничен во случајот „Транспортер“ на СЈО. СЈО го осомничи дека заедно со секретарот на општината, директори на училишта и превозни компании организирале школски превоз за учениците по цени повисоки од реалните. Талески тврдеше дека тоа е политички монтиран процес. Од куќниот притвор беше ослободен на 19 септември 2016 година со обврска два пати неделно да се јавува во судот во Битола.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира