Во моментов, Македонија и Грција имплементираат мерки на градење на градење доверба и со искрени разговори меѓу двете страни, вели премиерот Зоран Заев, кој е убеден дека има начин да се надмине проблемот што го има Грција со нашето уставно име.
Во обраќањето пред 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, Заев вечерва кажа и дека имаме многу позитивен развој по однос на спорот за името, поради што треба да се искористи моментумот да се затвори прашањето.
„Привремената спогодба од 1995 година ги постави темелите за нормализирање на односите меѓу Македонија и Грција. Во моментов двете земји имплементираат мерки на градење доверба. Ова е многу позитивен развој, имаме свеж инпут да го надминеме долготрајниот билатерален спор. Би рекол дека и двете страни направија одредени грешки во минатото, но главната цел сега е да го затвориме прашањето. Цврсто верувам дека треба да го фатиме моментумот, да разговараме искрено и да го разрешиме спорот. Ги цениме напорите на посредникот Метју Нимиц и верувам дека има начин да се надмине проблемот што го има Грција со нашето уставно име“, изјави Заев во Њујорк.