ГРУЕВСКИ ГИ ПРЕТСТАВИ КАНДИДАТИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И НАЈАВИ НОВА ЕРА ПО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    ГРУЕВСКИ ГИ ПРЕТСТАВИ КАНДИДАТИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И НАЈАВИ НОВА ЕРА ПО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги презентираше проектите кои ќе следат откако ќе дојде новата ера. - Никола Груевски со сопругата Боркица, ексминистерот за здравство Никола Тодоров, генералниот секретар Христијан Мицкоски и скопскиот градоначалник Коце Трајановски (Фото: Ѓ. Личовски)

    ВМРО-ДПМНЕ вечерва на Конвенција ги претстави кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори, програма и новата кампања под мотото „Новата ера почнува“. Во СЦ „Борис Трајковски“ присуствуваа кандидатите за градоначалници, Извршниот комитет на партијата, пратениците од Собранието, коалиционите партнери, како и поранешните министри Никола Тодоров, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Диме Спасов.

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги презентираше проектите кои ќе следат откако ќе дојде новата ера.

    „Од 22 септември започнува ново движење кое ќе донесе нова ера. Во време на хаотичност и неспособност ние излегуваме со документ кој ќе донесе просперитет и развој. Репубика Македонија е граѓанска држава во која се развива мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество. Без разлика на која вера и нација ѝ припаѓа мојот сосед , вратата на мојот двор е секогаш отворено за него. Иднината на Република Македонија ја гледаме во интеграција Европската унија и во НАТО, кои се наши стратешки цели, и унапредување на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави“, рече Груевски.

    Дел од коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ на конвенијата во СЦ „Борис Трајковски“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тој една по една ги презентираше точките од програмата на новата ера. Најави намалување на стапката на невработеност под 10 отсто и отварање на нови 150.000 работни места. Изградба на три нови автопати, пораст на земјоделските субвенции, подобро здравство и образование, мерки против сиромаштијата. Груевски рече дека во новата ера Македонија ќе биде земја независно судство и владеење на правото.

    Зад Груевски на бината стоеја кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Груевски во својот говор ниту еднаш не ги спомна политичките противници од СДСМ, ниту Законот за јазици и двојазичноста.

    „Вечерва ниту еднаш не ги споменав нашите политички опоненти од една едноставна причина. Народот од нас очекува да решаваме проблеми, да создаваме дела, да шириме позитивна енергија. Народот се потпира нас и нема простор за непотребана зајадливост. Едноставно не ја заслужуваат нашите противници на овој значаен ден. Позитивна порака, гордо одиме напред, кон нова победа, кон победа на овие локални избори, кон предвремени парламентарни избори. На нивната омраза ние ќе одговориме со добрина. На нивниот неуспех ние одговараме со нова ера“, рече Груевски.

    На конвенцијата во СЦ „Борис Трајковски“ беа и поранешниот министер за правда Михајло Маневски и коалициниот партнер Амди Бајрам. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На Конвенцијата говореа и генералниот секретар на партијата Христијан Мицоски кој најави дека ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори ќе победи и веќе на 16 октомври ќе побараат предвремени парламентарни избори.

    Од кандидатите за градоначалници говереше градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, кој рече дека е сигурен во победата и трет мандат. Трајановски рече дека во наредните четири години  Скопје ќе биде зелен град, со нови паркови, пешачки и велосипедски патеки, како и решавање на проблемот со загадувањето.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира