Ограничена епидемија на морбили на територијата на Општина Гази Баба прогласи денес Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Од Министерството за здравство информираат дека епидемијата е прогласена, бидејќи на Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се пет пациенти од истата општина со симптоми на мали сипаници или морбили.
„Во текот на денот на Клиниката за инфективни болести докажано е дека станува збор за морбили со серолошка специфична реакција. Пациентите се во стабилна и добра општа состојба“, велат од Министерството за здравство.
За да се спречи натамошно ширење на оваа заразна болест, која може да биде и смртоносна, Министерството за здравство заедно со Центарот за јавно здравје Скопје и Инстиотутот за јавно здравје ќе извршат вакцинација на сите лица на возраст од шест месеци до 60 години, кои живеат во областа „Кванташка депонија“ во општина Гази Баба. Вакцина ќе примат само оние кои не се вакцинирани или не се потполно вакцинирани.
Опфатот на деца вакцинирани против морбили или мали сипаници секоја година опаѓа и според здравствените власти е на незадоволително ниво. Од Министерството за здравство велат дека најголем опфат на вакцинирани против морбили во Скопје има во општина Шуто Оризари, а најмал во Центар и Карпош.
„Центарот за јавно здравје Скопје и Институтот за јавно здравје ќе спроведат засилен епидемиолошки надзор, проверка на вакциналниот статус и стручно методолошка помош на превентивните тимови за имунизација на целата територија на Скопје“, велат од Министерството за здравство.
Од Министерството нагласуваат дека при посета на болен во болница треба да се почитува режимот за посета, а болниците да преземат зајакнати мерки за да се спречи интерхоспитално ширење на болеста.
“Во подготовка се информативни флаери за морбили кои ќе бидат доставени до матичните лекари, градинките и училишта, а воспитно образовните установи и градинките да ги зајакнат мерките за дезинфекција и проветрување“, велат од Министерството за здравство.