По свеченото отворање на фестивалот „Браќа Манаки“ му се влошило здравјето на директорот Благоја Куновски – Доре поради што морал да замине за Скопје. Утрово Доре, кој е и селектор на главната програма за награди, не се појави на закажаната прес конфренецијата, па неговото место го зазеде Гена Теодосиевска, уметнички директор на фестивалот. Таа на присутните им пренесе поздрави од Куновски и рече дека поради здравствени причини морал да се врати во Скопје и дека се надеваат оти ќе закрепне и ќе се врати на фестивалот.
Куновски вчеравечер се појави на црвениот килим пред Центарот за култура во Битола заедно со претседателот Ѓорге Иванов и лауреатот Пјер Лом. Тој беше и првиот говорник на сцена за време на свеченото отворање, каде изјави дека последните две години беа искушувачки, но дека со голема верба, ентузијазам, издржливост и голема одговорност го овозможиле одржувањето на фестивалот. Најверојатно потоа му се слошило.
Од службата за односи со јавност на „Браќа Манаки“ не ни открија подетални податоци освен тоа дека сега Доре се чувствувал подобро.
Ова беше исцрпувачка година за организаторите на фестивалот од Друштвото на филмски работници на Македонија. Откако се појави и друго здружение кое конкурира за да го организира фестивалот , дури на 25 јули годинава, односно два месеца пред фестивалот, потпишаа договор со Агенцијата за филм која ќе им даде 8 милиони денари. Шест месеци фестивалот го подготвувале со сопствени средства. Со Општина Битола која обезбедува средства за сместување, храна на гостите и печатарски услуги договор потпишаа непосредно пред одржувањето на фестивалот.
На прес-конференцијата што се одржа неколку дена пред почнувањето на „Браќа Манаки“, директорот Куновски изјави дека некои воделе валкани игри кои не биле на ниво на достоинството на манифестацијата и дека како резултат на катарзата што ја поминале е и чајот од нане кој го пиеше за време на пресот.
На „Манаки“ вечерва од 19.30 и 21 часот во селекцијата за награди играат „Жаба“ на босанскиот автор Елмир Јукиќ чиј кинематографер е Дејан Димески, и германскиот „Од ништо“ на Фатих Акин со кинематограферот Рајнер Клаусман.
Ж. ЗДРАВКОВСКА