Твитер конечно го прекина молкот и им одговори на критичарите кои сметаат дека Доналд Трамп ја поминал линијата со своите коментари и треба да биде исклучен од неговата омилена социјална мрежа.
Портпаролот на Твитер изјави дека тие ги земаат предвид важноста на информациите и потенцијалниот интерес на јавноста кога решаваат дали еден твит ги прекршува правилата на компанијата за недолично комуницирање, за првпат истакнувајќи ги овие критериуми.
Ова доаѓа по се почестите повици Твитер да преземе мерки против претседателот на САД, откако тој сериозно и се закани на Северна Кореја викендов.
Официјалниот Пјонгјанг изјави дека твитот на Трамп го сфаќа како објава на војна, а и многумина корисници на мрежата прокоментираа дека тој повикува на насилство.
„Тукушто го слушав говорот на министерот за надворешни работи на Северна Кореја во Обединети нации. Ако тој го одразува мислењето на Малиот Човек Ракета, нив ќе ги снема“, беше спорниот твит на Трамп.