Намерно некој сакал да ги изманипулира овоштарите, да им вети обештетување, а постапката да ја започне по погрешен закон и да ја заглави во големи бирократски процедури, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски на јаболкоберот во Ресен, одговарајќи зошто овоштарите уште не го добиле обештетувањето за временските непогоди од лани што го намалија родот со јаболка.
„Излегуваме од законскиот лавиринт што го создаде претходната власт. Барањата за штети, пресметките и елаборатите беа правени по погрешен закон, по оној за заштита и спасување. Сега ги преземаме во министерството и ги прилагодуваме според Законот за земјоделство и рурален развој. Според законот за заштита и спасување, проценките се прават по единствена методологија, а според другиот закон од страна на овластени проценители. Владата вчера го усвои акцискиот план за постапување по предметите за настанатите штети“, изјави Николовски.
Тој најави дека ќе биде формирана комисија која ќе го утврди конечниот список со земјоделци и висината на отштетата. Само за лани поднесени се најмногу барања за отштета од земјоделци во Ресен, дури 2.300. Министерот рече дека прават обиди за што поскорешно обештетување.
Годинава беше уште полоша од лани. Земјоделците во Преспа се жалат дека раниот мраз во пролетта и градот летово оштетија 90 проценти од родот. Наместо 100.000 тони, ќе има помалку од 10.000 тони јаболка што е недоволно за домашниот пазар, а не пак за извоз. Штетите се над 20 милиони евра. На плоштадот во Ресен имаше повеќе празни од полни гајби со јаболка.
Маките не ги сплотија министерот за земјоделство Николовски, кој е од СДСМ и градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски од ВМРО-ДПМНЕ. За време на официјалната манифестација на јаболкоберот останаа разделени, едниот на едната, а другиот на другата страна.
Ж. ЗДРАВКОВСКА