Шпанската влада потврди дека ќе распореди илјадници полицајци на гласачките места, за да ги спречи луѓето да гласаат на референдумот за независност на Каталонија, што треба да се одржи в недела.
Иако регионалната влада е решена да го спроведе референдумот, за централната власт во Мадрид тој претставува кршење на уставот и затоа планира да го спречи.
Портпаролот на шпанската влада изјави дека на каталонската полиција и е наредено да ја преземе контролата врз гласачките места и да ги заплени материјалите за гласањето, но за секој случај, ќе бидат испратени и дополнителни полициски сили од други делови на државата.
„Денеска можеме да потврдиме дека нема да има ефективен референдум во Каталонија. Целата логистика за референдумот е растурена“, изјави претставникот на шпанската влада во Каталонија, Енрик Милјо.
Обвинителството соопшти дека ќе бидат запишани имињата на сите кои ќе земат учество во референдумот, а сите кои ќе имаат пристап до гласачките места ќе се сметаат за соработници на криминалот.