Фудбалерите на Вардар дополнително си ја влошија гол-разликата по своето прво гостување во Лига Европа, откако во Трондхајм загубија од 24-кратниот норвешки првак Розенборг со 3:1 (1:0).
По две одиграни кола, вардарци имаат примено дури осум гола, а Хуан Фелипе влезе во историјата на клубот како стрелец на неговиот прв гол во групната фаза од Лига Европа, кога намали на 3:1 во судиското надополнување.
Прославениот дански напаѓач Никлас Бендтнер беше централната фигура на средбата, откако директно учествуваше во постигнувањето на два гола на неговата екипа.
Бендтнер, кој поради своите талент и карактер има голема база на фанови, од кои доби прекар Лорд, изнуди и реализираше пенал во 25. минута, а во 68. минута, атрактивно му асистираше со пета на Хеденстад, кој потоа зголеми на 3:0.
Во меѓувреме, во 56. минута, Конрадсен со спектакуларен удар од 20-ина метри го совлада вардаровиот голман Гачевски.
На вториот меч од Л-групата, Зенит го совлада Сосиедад со 3:1 и со шест бода се осамостои на врвот на табелата.