ИЗГОРЕ СЕМЕЈНАТА КУЌА НА ЕКСМИНИСТЕРОТ ВЛАДО МИСАЈЛОВСКИ, КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

    ИЗГОРЕ СЕМЕЈНАТА КУЌА НА ЕКСМИНИСТЕРОТ ВЛАДО МИСАЈЛОВСКИ, КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВПожарот избувнал околу 9 часот, по што од оганот биле зафатени кровот и горниот кат на куќата. - Мисајловски пред семејната пекара додека траеше расчистувањето (Фото: Г. Трпеноски)

    Утрово се запали семејната куќа на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Ѓорче Петров и ексминистер за транспорт и врски, Владо Мисајловски. Куќата се наоѓа на улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров, а веднаш до неа е објектот на фурната која што со години е на семејството Мисајловски.

    Пожарот избувнал околу 9 часот, по што од оганот биле зафатени кровот и горниот кат на куќата.

    „Во 9.15 добивме повик, веднаш е интервенирано со 7 возила. Зафатена е кровната конструкција и горниот кат. Навремено е интервенирано и спречено ширење на пожарот. Сѐ уште не знаеме кои се причините за пожарот, екипи на МВР треба да излезат и да направат увид“, вели Звонко Томески, командир на Противпожарната бригада на Скопје.

    При гасењето на пожарот еден од пожарникарите вдишал чад, по што веднаш бил однесен во болница.

    „Еден од пожарникарите се наоѓа во болницата 8 септември. Од вдишан чад му се слошило, но сега се наоѓа во добра состојба“, додава Томески.

    Додека репортерите на САКАМДАКАЖАМ.МК беа на местото на пожарот, екипа на МВР сѐ уште не беше дојдена да направи увид.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира