ДИРЕКТОРОТ НА МОБ БАРА ВИШОКОТ МУЗИЧАРИ ДА СИ ГИ ЗЕМЕ МТВ

    ДИРЕКТОРОТ НА МОБ БАРА ВИШОКОТ МУЗИЧАРИ ДА СИ ГИ ЗЕМЕ МТВВ.д директорот на Македонската опера и балет (МОБ) Илија Рајковски на денешната прес-конференција рече дека во Оркестарот има вработено 115 музичари, а тој смета дека треба да бидат од 76 до 78 (Фото: СДК.МК)

    В.д директорот на Македонската опера и балет (МОБ) Илија Рајковски,  ќе побара од Министерството за култура да прераспредели повеќе од 30 музичари од Оркестарот на МОБ во музичката продукција на Македонската радио и телевизија. Рајковски на денешната прес-конференција рече дека во Оркестарот има вработено 115 музичари, а тој смета дека треба да бидат од 76 до 78. Тој додаде оти поради големиот број музичари, се случува некои да не свират на претстави и по 2 до 3 месеци.

    „Нашата втора варијанта е, доколку вишокот музичари не се преселат во МТВ, да формираме камерни оркестри па да одржуваат камерни концерти“, рече Рајковски.

    Од друга страна пак, вели тој, МОБ има недостаток на 40 работници, како бравар, кројач, и за кои исто така побарале дозвола за вработување од Министерството.

    Рајковски кажа дека на 4 август, откако е на функцијата, ја затекнал МОБ со долг од 801 илјада евра, од кои околу стотина илјади евра се неплатен долг кон фирмата која беше задолжена за реновираните столчиња. Поради големиот затекнат долг, вели тој, побарал да дојде Државната финаниска ревизија.

    Уметничката директорка на Операта, Бисера Чадловска рече дека до крајот на оваа година, како и до мај 2018, во оперите ќе пејат македонски солисти, кои, како што рече таа, биле игнорирани и навредувани изминатите години.

    МОБ периодов ја подготвува премиерата на „Кавалерија Рустикана“ , закажана на 31 месецов со која ќе се одбележат 70 години македонска Опера.

    Уметничката директорка на Балетот, Олга Панго, првата премиера во новата сезона ја најави за 18 октомври, „Балетскиот триптих на Ицак Галили“. Панго рече дека на две балетски парчиња ќе работи светски познатиот кореограф Галили, а на третото Хрватот Сташа Зуровац.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира