Министерката за одбрана Радмила Шекеринска по завршување на судското рочиште за нападот врз неа на 27 април, рече дека луѓето кои ги организираа обвинетите, кои им ги отворија вратите на Собранието и кои го мотивираа насилството ги нема нигде, се кријат и оставаат извршителите да ја носат на свој грб нивната вина.
„Признанието на обвинетиот покажува дека насилството никогаш не останува сокриено и не смее да остане неказнето. Настаните во судницата покажаа на еден кукавичлук кој секој ден станува сѐ поевидентен. Беше страшен коментарот дека сакале да ни помогнат, да нѐ тргнат настрана. Не никого не му посакувам такво помагање. Целта беше некој да биде убиен, некој да биде повреден, само да си ја спасат слободата од направените криминали. Нема да им успее бегање од одговорност. Се радувам дека денес не требаше да сведочам оти кога ќе ми се врати сликата од расцепената глава прашање на момент било дали ќе преживеам “, рече Шекеринска пред Основниот суд Скопје 1.
Шекеринска изјави дека овој случај не го води поради одмазда, туку за правда и дека целта не ѝ е да добие оштета, туку да се казни насилството кои не смее да се случува.
А. АНТЕВСКА