Слабовидните битолчани и оние со поголеми оштетувања на видот деновиве за првпат имаа можност лично да се уверат во убавините на фигурите кои со мајсторски сплет на обоени камчиња се вградени во мозаичните површини. При посетата на Хераклеја на покана на битолскиот Завод и музеј, на специјално изработени тактилни мапи на кои беше пренесена идентично содржината на мозаиците, слепите можеа со допир да откријат какви се фигури и други украси има на мозаичните површини. Објаснувањата под мапите беа на Брајово писмо.
„Видот ни е оштетен, но имавме чувство како да ги видовме мозаиците во Хераклеја, колоритот за нас е недостапен, но со допир ги почувствуваме контурите на фигурите кои се исцртани на орнаментите“, вели Стевче Костадиновски од Здружението на слепи лица од Битола.
„Сон ни беше да ја доживееме Хераклеја уште пред многу години. Соработувавме со здружението на слепи лица од Лесковац, Србија. При една посета им однесов како подарок сувенир од мозаик од Хераклеја. По некоја година во Битола се одржа Балканско дружење на слепите, а пријателите од Лесковац дојдоа и бараа да ги однесеме во Херкалеја. Отидовме, водичот беше добар, знаеше да објасни, но друго е да го допреш“, вели Костадиновски.
Повеќето слепи лица во Битола имаа само слушнато за Херклеја и за прекрасните мозаици кои прекриваат над илјада метри квадратни од површината на овој античкиот локалитет. До неодамна, пречка за нив беа скалилата, нерамниот пат, а пред сè неможноста да го доживеат ова културно-историско богатство на поинаков начин освен преку раскажување. Тактилните мапи сега им ги проширија личните видици од областа на културата.
„Ви се верува ли дека е можно да живеете во Битола, а ниеднаш да не сте биле во Хераклеја? А зошто и да одите кога немате очи да ги опфатите убавините таму? Но, сега е друго. Изработија рељефни работи кои ние можеме со допир да ги почувствуваме. Направија тактилни слики. Преку нив ни дозволија да допреме во деловите каде што никој не смее да стапне, мозаикот, да го допреме, да го почувствуваме“, вели Марија Ивановска од Битола.
Тактилните мапи беа изработени на машината пиаф фузер што Завод и музеј од Битола ја набави во рамки на проектот „Музеј за сите, Музеј за понудување“ поддржан од Балканската музејска мрежа. Вработени од институцијата посетуваат стручни обуки под водство на британски експерти за пристапноста на музеите до лицата со различни попречености.
„Тактилните мапи се изготвуваат од обучени лица така што претходно компјутерски подготвените слики се ставаат во посебна машина и за кратко време контурите и деталите од сликата стануваат рељефни, односно тактилни. На овој начин можат да се подготват и специјални тактилни мапи, за ориентација и самостојно движење во одреден простор или објект. На пример движење низ музеј без придружба“, вели Ирена Ружин, доктор на науки од областа на туризмот, вработена во Завод и музеј Битола.
Од институцијата додаваат дека се во постојана соработка со со стручни лица, дефектолози- тифтолози за да го доближт повеќе културното наследство од Битола и регионот до посетителите со попреченост. Од неодамна е набавен и лифткар, гасеничар, со кој музејската поставка во која се збрани бројни експонати од историјата на Битола, а се наоѓа на вториот кат од музејот, стана достапна за лицата со инвалидитет. Ова е обврска на сите институции од јавен карактер, според Закон за градење член 170.
Ж. ЗДРАВКОВСКА