Панче Ангелов, кој ја кубеше и ја повреди министерката за одбрана Радмила Шеќеринска за време на крвавите насилства во Собранието на 27 април, доби затворска казна во траење од четири години, одлучи Основниот суд Скопје 1.
Ангелов на претходното судско рочиште призна вина и побара од судот да има разбирање за него, бидејќи, како што кажа, живее сам и ако оди во затвор ќе нема кој да му помогне. За делото Насилство, за кое е осуден, предвидена е казна затвор во траење од 3 до 10 години.
„Разбрав за што сум обвинет, се чувствувам виновен за кривичното дело. Го признавам во целост како што е напишано во обвинителниот акт. Доброволно, без присила од кого било, при потполна свест. Се извинувам кон целата јавност за тоа грозомормно дело што го направив и им се извинувам на оштетените во оваа кривична постапка. Не ми беше целта да ја повредам, туку да ја тргнам настрана, но во тоа тргање можеби употребив повеќе сила. Искрено се каам за стореното дело и се надевам дека судот ќе има разбирање за мене и ќе ми одреди поблага казна, бидејќи живеам сам и доколку одам во затвор нема кој да ми помогне“, кажа Ангелов на минатото судење, кое практично беше единствено и завршно.
Обвинителката потоа рече дека тоа што обвинетиот го признал делото е потврда за доказите кои што биле приложени на судот и додаде дека признанието може е олеснителна околност најмногу до 70% од казната.
„Го почитуваме признанието, но судот сепак треба да ги цени околности за стореното кривично дело и за подмолниот начин на кој што е искористена немоќта на оштетената“, рече таа.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска по завршување на судското рочиште на 6 октомври рече дека луѓето кои ги организираа обвинетите, кои им ги отворија вратите на Собранието и кои го мотивираа насилството ги нема нигде, се кријат и оставаат извршителите да ја носат на свој грб нивната вина.
А. АНТЕВСКА