Три дена по завршувањето на првиот круг од гласањето, Движењето Беса и Алијансата за Албанците склучија договор за поддршка во вториот круг на локалните избори.
Согласно договорот, Движењето Беса ќе ги поддржи кандидатите на Алијансата во пет општини, додека Алијансата за Албанците ќе ги поддржи кандидатите на Беса во седум општини во коишто тие имаат поголеми шанси за победа.
„Според гласовите што ги добија двете партии, излегува дека во вториот круг од изборите ќе ни треба меѓусебна поддршка“, изјавија претставниците на двете партии.
На новинарско прашање за Алијансата за Албанците дали во Струга очекуваат поддршка од премиерот Зоран Заев како коалиционен партнер во Владата, одговорот беше дека очекуваат Заев да остане неутрален.
Во вториот круг во Струга се пласираа Зијадин Села од АА и Рамиз Мерко од ДУИ. Вториот круг ќе се одржи на 29 октомври.