Еколошкото образование мора да биде задолжителен, а не факултативен предмет во основните училишта, бараат граѓанските организации од Југоистокот заради поефикасно управување со отпадот и поголема еколошка свест.
Анализите покажуваат дека во основните училиштата многу малку внимание се посветува на оваа тема. За овие прашања, како што тврдат еколошките друштва, многу малку е напишано во наставниот материјал кој го изучуваат учениците од прво до деветто одделение, а просветните работници немаат соодветна програма, па вообичаено за екологијата се зборува на одредени настани, акции или во еколошките секции каде членството е доброволно.
„Во наставниот материјал до 5. одделение многу малку има за управувањето со отпадот како тематика. Поради обемноста на останатите предмети и Кембриџ програмата немаме многу време да посветиме за запознавање на децата со типовите отпад, што значи селекција, рециклирање, компостирање, како се добива енергија од биомаса. Мислам дека и во учебниците до деветто одделение нема цела тематска област за екологијата. Така, сè зависи од самиот просветен работник како и колку ќе им предава на децата еко информации“, вели одделенската наставничка Наташа Андонова.
„Центарот за климатски промени“ од Гевгелија во рамките на проектот за поефикасно управување со отпадот во Југоистокот, изработи прирачник за наставници за да послужи за полесна едукација на учениците како се создава отпадот и како тој може повторно да се употреби за да се заштити животната средина.
Со проектот се опфатени 12 училишта во Југоистокот со исклучок на Општина Валандово. Во сите овие училишта се организираа повеќе работилници, едукации за да се анимираат учениците како да се однесуваат со отпадот. Секое училиште ќе добие сетови од по четири корпи за селекција на отпадот. Корпи за хартија, пластика, стакло но и за електричен отпад. Паралелно училиштата ќе добијат стапчиња за собирање отпад за еколошки акции на училишни дворови, излетнички места и речни корита.
Од Министерството за животна средина велат дека не постои генерална стратегија за воведување на еколошкото образование како задолжителна настава во образовниот систем.
„Тоа и понатаму останува како факултативна обврска и зависи од желбата и амбициозноста на самите просветни работници. Постојат еко одбори и секции, но не е задолжително четиво за нашите ученици“, рече Ана Каранфилова Мазневска, раководител на секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина.
Пред пет години, Регионалниот центар за животна средина за Централна и источна Европа (РЕЦ) а со финансиска подршка на Австриската агенција за соработка и развој (АДЦ) а во соработка со Министерствата за животна средина и Министерството за образование беше изработен прирачник насловен „Зелен пакет јуниор“, кој имаше за цел да даде придонес за подобар квалитет на животната средина. Над 2.000 прирачници бесплатно се дистрибуираа до сите основни училишта за да им помогнат на наставниците да ги едуцираат децата.
Екологистите во земјава тврдат дека овие прирачници ретко кој ги користи во основните училишта за учениците од прво до петто одделение, иако станува збор за мултимедијална алатка. Паралелно. во меѓувреме државните институции воопшто не го контролираа спроведувањето на еколошката факултативна настава кај најмладите деца, ниту пак се потрдуија да го надоградат прирачникот.
В. ТРАЈКОВ