ВЛАДАТА НЕМА ПРАВО ДА СЕ МЕША ЗА СКОПСКИ САЕМ, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ КОЧО АНЃУШЕВ

    ВЛАДАТА НЕМА ПРАВО ДА СЕ МЕША ЗА СКОПСКИ САЕМ, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ КОЧО АНЃУШЕВСкопски саем ќе продолжи со организирање манифестации и без саемски хали, а Владата нема право да се меша во приватниот бизнис на новите сопственици на имотот и на брендот на банкротираната компанија - вицепремиетрот Кочо Анѓушев и директорот на Скопски саем Дејан Кошутиќ денеска на отварањето на Технома во спортската сала Борис Трајковски во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Владата нема право ниту позиција да се меша во имтоно-правните односи меѓу приватни компании, кажа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања по информацијата дека на местото на Скопски саем догодина ќе се гради трговски центар.

    „Компанијата својот имот го заложила во банките и при тоа земала некакви кредити, кои што не можела ажурно да ги сервисира. Банките за да ги заштитат своите интереси и да ги заштитат депозитите на граѓаните, од кои се финансирале тие зделки, во извршна постапка имотот го продале. Владата нема никаков капацитет, ниту право, ниту позиција од која што може да се меша во таквите односи меѓу правните субјекти во Македонија и банките“, рече Анѓушев.

    Извршниот директор на Скопски саем Дејан Кошутиќ на отворањето на саемската манифестација „Технома“ рече дека компанијата ќе продолжи да организира саемски манифестации иако и брендот и неговиот имот се продадени на двајца различни инвеститори. Тој како можно решение посочи изградба на нови саемски хали, иако не прецизираше дали новиот сопственик на брендот сака да ги гради, бидејќи новиот сопственик на имотот веќе соопшти дека не е заинтересиран за организирање самемски манифестации, туку за изградба на деловно станбен комплекс.

    Компанијата „Скопје ист гејт“, вчера најави дека од есен следната година на местото на халите на Скопски саем ќе се гради трговски центар, како дел од поголем комплекс на станбени и деловни згради на површина од 155.000 метри квадратни. Мнозински акционер на оваа компанија е фирмата „Балфин груп“, која го изгради трговскиот центар Скопје сити мол.

    Уривањето на Скопски саем треба да почне за 6-7 месеци. Вкупната инвестиција се проценува на 300 милиони евра. „Балфин груп“ неодамна го откупи имотот на банкротираниот Скопски саем од банките доверители за 21 милион евра.

    На парцелата на Скопски саем сопственик летово стана бугарската фирма „Кардфинанс“ ДООЕЛ, купувајќи го од НЛБ и од Комерцијална банка. Банките го презедоа Скопски саем поради неплатени долгови на претходниот сопственик, словенечката компанија ЕРА. На локацијата во 2008 беа направени првите чекори за изградба на гигантскиот комплекс „ЕРА сити“, но откако беше ископана огромна дупка до хотелот „Континентал“, градежните работи сопреа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира