Лидија Димковска, една од најпреведуваните македонски автори и добитник на повеќе награди меѓу кои и Европската награда за литература во 2013, неодамна беше дел од македонската екипа на најважната светска книжевна смотра, Саемот на книга во Франкфурт.
По саемот, со Лидија, која повеќе од десет години живее во Словенија, поразговаравме за нејзините почетоци со преведуваните книги, како и за афирмацијата на малите јазици на меѓународниот пазар.
Нејзина прва преведена книга беше изборот од нејзината поезија „Мета-бесење на мета-липа“ на романски јазик, еден месец пред нејзиното дефинитивно заминување од Романија каде што живееше седум години.
Книгата ја доби наградата „Поесис“ за најдобра поетска книгана Меѓународниот поетски фестивал Поесис во Сату Маре, Романија во 2001 год. И претходеа објави на поединечни песни на многу јазици низ светот.
Следеа преводи, учества на најразлични меѓународни читања, резиденции, добивање на книжевни награди.
„Во меѓународниот книжевен простор никогаш не сум имала сопки, туку само подеми и отсуство на подеми, мали човечки разочарувања. Веднаш треба да кажам дека без моите преведувач(к)и од македонски на други јазици, моите книги ќе останеа само во македонскиот книжевен простор. Друго прашање е колку далеку може да стигне еден македонски автор, а уште повеќе авторка на светскиот книжевен пазар кој е апсолутно немилосрден, неолибералистички и радикално селективен односно тривијално насочен“, вели Лидија на прашањето за споредбата на афирмацијата на македонската книжевност, пред неколку години и денес.
Најчесто , вели таа, е потребна поширока стратегија, институционална поддршка и тимска работа за да може еден автор да успее во светот и да ја повлече и книжевноста на останатите по себе.
Бидејќи, вели Димковска, треба да ни е јасно на сите: за да се зборува за македонската книжевност во светот, на светот не му се доволни тројца преведени автори, туку повеќе, многу повеќе.
„За да речеме дека македонската книжевност постои во свеста на светската книжевност, таа треба да биде корпус на преведени книги, со тежина и тежа, а не егзотична билка што ќе ја откине првиот пролетен ветер. И веднаш да додадам дека кога зборувам за македонска книжевност не зборувам само за авторите кои пишуваат на македонски јазик во Македонија и надвор од неа, туку и за сите останати автори кои живеат и творат во Македонија на некој друг јазик. А формула за тоа како македонската книжевност да се пробие на патот кон меѓународна афирмација и немам: во мојот случај тоа се наградите, преведувачите односно преводите и односот со издавачите кој дури и не можам да го наречам личен бидејќи е пред се професионален“, ни рече Димковска.
Писателката и поетеса смета дека денес младите автори се наоѓаат во подобра ситуација од нејзината генерација родена во седумдесеттите, и од технолошки и од други причини поврзани со времето во кое живееме: учество во мноштво книжевни проекти, социјални мрежи, разни конкурси и работилници, пристап кон сите видови информации поврзани со издаваштвото во светот и поврзувања во меѓународниот простор.
„Искрено верувам дека младите автори на моја возраст веќе ќе имаат двојно повеќе преводи на своите дела во странство. Само едно не треба да заборават: да пишуваат само затоа што поинаку не можат да живеат, а исто така и дека без преведувачи нивните дела нема да можат да постојат во светскиот книжевен простор. Грижата и поддршката на преведувачите кои ги имаме во многу мал број треба да стане приоритет на македонската книжевна политика“, додава таа.
Помина повеќе од една година откако на Димковска и беше одземена наградата за најчитан македонски автор во библиотеката „ Браќа Миладиновци“ за 2015, и откако збирката „ Црно на бело“ , не влезе во потесниот избор на автори за истоимената награда за најдобра поетска книга на Струшките вечери на поезијата.
Ја прашавме Лидија, од денешна дистанца, како гледа на тој период, кога таа самата ја одби втората награда и по гневот во јавноста,а зошто токму она да ја добие наградата „Браќа Миладиновци“.
„Гнев имало и ќе има во јавноста, практично за се, оправдано или не. Гневот е всушност незадоволство со одредена ситуација, психичка фрустрација и за жал, наместо да биде конструктивен и да не научи на нешто, и тој стана чудо за три дена. Некои од нас сепак беа гневни цела деценија во однос на политичката ситуација во Македонија која од културата направи естрада, од животот живуркање, од земјата валкана крпа, од човекот – битие без својства. Некои знаат да бидат гневни само меѓу четири ѕида, некои и во јавноста. Некои, пак, се гневни тогаш кога повеќе веруваат во власта одошто во себеси. Токму од нив потекнуваа реакциите против мене и против моите истомисленици. Мојот отворен гнев односно незадоволство и несогласување со културната и со сета останата политика во изминатиот автократски режим кој владееше во Македонија придонесе за него да бидам и ‘соодветно казнета’ од страна на истиот: прво, со преименувањето на наградата на библиотеката ‘Браќа Миладиновци’ за најчитан автор во награда за најчитан автор од дијаспората, а потоа и со непоместувањето на мојата поетска книга ‘Црно на бело’ во потесниот избор за наградата ‘Браќа Миладиновци’. Кутрите браќа Миладиновци кои ни криви ни должни се најдоа во политичките спреги на груевистичката (не)култура! Наредната година повеќе не постоеше наградата за најчитан автор од дијаспората што сосема го оправда моето тврдење дека наградата била измислена преку ноќ. Во меѓувреме песните од ‘Црно на бело’ прозвучеа и се повеќе звучат на мноштво јазици низ светот што искрено се надевам дека се случи и со песните од поетските книги кои влегоа во потесниот избор за наградата ‘Браќа Миладиновци’ на СВП“, вели наградуваната авторка.
Б. НЕСТОРОСКА