ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ САКА ПАК ДА БИДЕ АКТЕР

    ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ САКА ПАК ДА БИДЕ АКТЕРПротив Талески и неговите соработници е поднесен обвинителен акт од СЈО за случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Битола и проневера на 360.000 евра. Талески помина и тримесечен куќен притвор; - парите „владимирки“ лани беа дел од граѓанските герила акции против Талески (Фото: СДК.МК)

    По пауза од 12 години ексградоначалникот на Битола Владимир Талески ќе му се врати на актерството. Откако му истече третиот градоначалнички мандат и кабинетот пред два дена му го предаде на новата градоначалничка, тој поднел барање до Битолскиот народен театар за да се врати на старото работно место, како актер во оваа институција. Од театарот за САКАМ ДА КАЖАМ.МК потврдија дека работното место на Талески му мирувало и сега неговото барање ќе биде препратено во Министерството за финансии каде ќе одлучуваат по него.

    Барањето да се врати во Битолскиот народен театар, всушност значи дека Талески се откажува од апанажата од една година која му следува. Ако се одлучеше да ја користи, ќе го изгубеше правото да се врати на работното место во театарот.

    Против Талески и неговите 22 соработници од Битола е поднесен обвинителен акт од СЈО за случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Битола и проневера на 360.000 евра. Талески помина и тримесечен куќен притвор. Минатиот месец и Битолското јавно обвинителство го осомничи за нов случај наречен „Транспортер2“ повторно поврзан со злоупотреби на ученичкиот превоз по цени повисоки од реалните.

    Талески како актер во Битолскиот народен театар помина 22 години до 2005 , кога театарската сцена ја замени со градоначалничкиот кабинет. Како актер играше главни улоги во дела од Шекспир, Софокле, Горан Стефановски, Антон Панов и други автори. Талески ја играше и насловната ролја и во претставата „Хамлет“ работена по делото на Шекспир. Во 2000 специјализираше театарска режија во Софија, Бугарија.

    12 години беше тргнат на страна од театарскиот живот и во три мандати ја водеше општина Битола, како градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Додека беше градоначалник стана и доктор на науки, бранејќи ја докторската теза на Институтиот за национална историја во Скопје.

    Како актер учестуваше во реализацијата на поголем број телевизиски емисии и серии, од кои најпозната е „Здраво генијалци“ каде го играше ликот на Двојче.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира