СУДОТ ГИ ОДБИ БАРАЊАТА НА АДВОКАТИТЕ НА ГРУЈЕВСКИ, ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ ЗА „ТВРДИНА 2“ ВО ПОНЕДЕЛНИК

    СУДОТ ГИ ОДБИ БАРАЊАТА НА АДВОКАТИТЕ НА ГРУЈЕВСКИ, ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ ЗА „ТВРДИНА 2“ ВО ПОНЕДЕЛНИКАдвокатите на обвинетите ќе се жалат кај Апелациониот суд дека СЈО не е надлежно за случајот „Тврдина 2“. - Специјалните обвинители Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов утринава пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Во отсуство на главниот обвинет Горан Грујевски, поранешен началник на Петтата управа во МВР, кој се товари дека наредил незаконско палење на илјадници списи од управата поврзани со нелегално прислушување на граѓани, заврши доказната постапка во Основниот суд Скопје 1 под водство на судијката Лидија Петровска.

    Завршните зборови се закажани веќе за понеделник по што се очекува да биде изречена и пресуда за овој случај во јавноста познат како „Тврдина 2“. Доказите денеска беа изведени за околу час и половина и јавноста, поради нивната класифицираност, беше отстранета. Во јавниот дел од постапката, адвокатите на избеганиот во Грција Грујевски, Љупчо Шврговски и Петар василевски, побараа да се утврди дека уништените документи се обновливи и дека за нив постои втора, ако не и трета копија, во други организациони едници во управата.

    Ова тие го тврдат, бидејќи според обвинетите, вкупно седуммина заедно со Грујевски, биле уништени документи како што се решенија за боледување, поправка на возила во МВР, барања за пристап во чекалмата на УБК и други документи кои што можеби биле во врска со прислушувања, но не за незаконски за кои што единствено е надлежно Специјалното јавно обвинителство. Но, вавиот предлог судијката Петровска го одби.

    Наспроти ова тврдење, специјалните обвинители Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов тврдат дека на судот му се доставени докази дека во овие уништени документи има и такви за кои што нема копија и се создадени само на едно место во Петтата управа и не може да се најдат на друго место, т.е. не се обновливи.

    Иако, според Ристоска, ова и не е воопшто важно, бидејќи единствено е важно што обвинетите го прекршиле Кривичниот законик и направиле кривично дело со тоа што незаконски ги уништиле документите.
    Додека јавноста беше отсутна од судницата, обвинителите му докажувале на судот, на барање на одбраната, и дека се надлежни за овој предмет. Но, адвокатите на обвинетите останаа на тоа дека СЈО воопшто не е надлежно за палењето на документи за кое што, исто така, ќе се жалат до Апелациониот суд Скопје.

    Претходно, адвокатите на Грујевски побараа судењето да се одложи до одлуката на грчките власти дали ќе го екстрадираат или не неговиот клиент во Македонија, но и тоа барање беше одбиено од судијката Петровска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира