Претседателката на Апелациониот суд Љиљана Шопова го одби писменото барање на адвокатката на првообвинетиот во „Топлик“ Миле Јанакиески да се одложи денешната расправа за бомбите во случајот на Специјалното јавно обвинителство. Во отсуство на Јанакиески и на неговата адвокатка, која го извести судот дека имала службени обврски, почна седницата по жалба на СЈО, кое бара бомбите во “Топлик” Апелациониот суд да ги врати како важечки доказ во натамошната постапка.
Обвинителите од СЈО Бурим Рустеми и Лиле Стефанова рекоа дека на Јанакиески и другите обвинети во „Топлик”, ниту приватноста им се нарушува до тоа ако слушне судечкиот судија за криминалот за кој зборуваат во тие 11 разговори, ниту се жртви на државните институции што ги следеле. Тие го потсетија судот дека за време на масовното прислушување, кога и обвинетите биле цел, апсолутна власт имал сопартиецот на Јанакиески, експремиерот Никола Груевски, а на чело на службата што прислушувала, бил неговиот вратучед Сашо Мијалков.
Прислушуваните разговори како докази во „Топлик“ , минатиот месец ги отфрли судијката Ленка Давиткова, кај која според распоредот на в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1, се падна ова обвинение. Во „Топлик“, за продажба на државно земјиште како локација за изградба на проектот „Сончев град“ и за поништување на договорот со оштетување на државата со 1.040.000 евра, обвинети се 6 лица. Првообвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањата во овој случај е обвинет ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште петмина вработени во Министерството.
С. К. ДЕЛЕВСКА