Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека очекува да се сретне со Владимир Путин на маргините на економскиот самит во Виетнам наредната недела.
Тој од Јапонија ја почна својата 13-дневна турнеја по Азија, на којашто Северна Кореја ќе биде една од главните теми на разговор со неговите партнери. Во решавањето на овој проблем, Трамп очекува најголема помош да добие токму од рускиот претседател.
„Секако дека очекувам да се сретнам со Путин. Ја сакаме неговата помош околу Северна Кореја, а ќе се видам и со голем број други лидери. Мора да го решиме овој проблем“, изјави Трамп.
Трамп и Путин треба да се сретнат во Да Нанг, кадешто ќе учествуваат на самитот на азиско-пацифичката економска соработка. Кремљ соопшти дека овој состанок се подготвувал со месеци.
„Русија се граничи со Северна Кореја. Таа е многу загрижена што Северна Кореја го носи целиот овој регион во една голема криза. Природно е Русија да има улога во иднина и има обврска да ги поддржи санкциите изгласани во Обединети нации во почетокот на оваа година“, кажа висок претставник на Белата куќа.