Јавниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, изјави дека граѓаните би требало да носат оружје кога одат во црква, реагирајќи на вчерашниот масакр во гратчето Сатерленд Спрингс, во кој беа убиени 27 луѓе, на возраст од пет до 72 години.
Убиецот беше идентификуван како 26-годишниот поранешен војник Девин Кели, кој беше пронајден мртов набргу по пукањето во баптистичката црква.
„Американските цркви би требало да вооружат некои од своите вработени или да ангажираат професионално обезбедување. Ние во Тексас имаме право да носиме скриено оружје. Доколку луѓето носат оружје, секогаш постои можност напаѓачот да биде убиен пред да почне да пука и убие многу луѓе“, кажа републиканецот Пакстон во интервју за „Фокс њуз“.
Пред два месеца, во Тексас на сила стапи закон, што им овозможува на црквите да користат свои вооружени членови како обезбедување.
„Ова ќе се случи повторно. Затоа е потребно во црквите да има вооружени луѓе, кои ќе знаат да одговорат на вакви ситуации“, додаде Пакстон.