ЈАНКУЛОСКА ЛИЧНО ПОБАРА ДА НЕ ВАЖИ КАКО ДОКАЗ БОМБАТА ЗА МЕРЦЕДЕСОТ КУПЕН ЗА ГРУЕВСКИ

    ЈАНКУЛОСКА ЛИЧНО ПОБАРА ДА НЕ ВАЖИ КАКО ДОКАЗ БОМБАТА ЗА МЕРЦЕДЕСОТ КУПЕН ЗА ГРУЕВСКИДенеска во жалбена постапка во Апелација се расправаше за бомбите во случајот „Тенк“. - Фатиме Фетаи; Гордана Јанкулоска

    Првообвинетата во предметот на СЈO „Тенк“, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во жалбената постапка пред Апелациониот суд Скопје лично побара да не важат бомбите од прислушуваните разговори за набавката на мерцедесот од 600.000 евра. Во овој случај обвинет е и експремиерот Никола Груевски и помошникот-министер за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски, кои беа отсутни.

    Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи на денешната седница, која уследи по отфрлањето на Кривичниот суд на бомбите во „Тенк“, побара судиите да не го прифатат предлогот на адвокатите на Јанкулоска и на Поповски да се отфрлат жалбите на СЈО. Фетаи побара побара не само Апелација да ги врати назад во предметот бомбите од „Тенк“, туку и тие да се слушаат во судницата како доказ против Јанкулоска и Груевски.

    „Од бомбите најдиректно произлегува како обвинетите го сториле кривичното дело“, рече Фетаи.
    Адвокатката Сања Алексиќ, пак, побара судиите да не ги земаат предвид претходните одлуки на Апелација која досега во жалбена постапка, одлучи бомбите да важат во постапките.

    Во „Тенк“,се работи за набавка на луксузниот мерцедес од скоро 600.000 евра по желба на експремиерот Никола Груевски. Јанкулоска и Поповски се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи со набавката го оштетиле буџетот за повеќе од половина милион евра. Груевски е обвинет за примање противзаконита награда.

    Според она што се слуша во разговорите од бомбите, за кои Апелација треба да одлучи дали ќе бидат вратени во обвинението, набавката на мерцедесот одела преку МВР. Во едниот од двата разговори, Јанкулоска зборува со Груевски за тоа каков точно треба да биде мерцедесот:

    НГ: Она што ми остави ти едни проспекти, ти текнува?
    ГЈ: Да, да… јас да ви кажам не ви вршев притисок ама…
    НГ: Тоа на М…на М…
    ГЈ: Е добро океј…
    НГ: Да не зборам сеа вака…
    ГЈ: Да да…знам знам, точно…ако има шанса да ми го вратите проспектот за да го напраиме ко шо треба, да не утнам нешто…
    НГ: Тој ми е тука пред мене, тие другите два не знам кај ми се…тоа тебе не ти требаат другите
    ГЈ: Не ми другите по, тој шо треба е кај вас….хахах
    НГ: Да… ја ги видов сите три пошто овој го одвоив, тој терај го, ќе видиш таму што треба, фул све…
    ГЈ: Да де… па затоа и да видам попрецизно да биде ко шо треба ахах..пратете ми го вие…
    НГ: И битно ми е позади, позади да има екрани… коа се возам со маливе…
    ГЈ: Да да да…нема проблем, таму имаше у тој јас, се сеќавам и јас го листав, нема пробчем тој ќе го напраиме…
    НГ: Друго ќе видиш тој е фул као за….
    ГЈ: Да де да, не, не, не океј си е…
    НГ: …се знае тоа…
    ГЈ: Мислам таму не може да има промашај на таа варијанта…хахах
    НГ: Да да
    ГЈ: Така да супер…
    НГ: Така да почни ја постапката, терај ја
    ГЈ: Да да да, ние ќе го напраиме само вие пуштете ми го назад проспектов, за да…
    НГ: Утре го добијаш…
    ГЈ: Да, да, да, да биде ко шо треба работава…сеа да не зборам и ја многу…

    Според вториот разговор од бомбите, Јанкулоска и Груевски лично се договарале како да се изведе постапка за фаворизираниот економски оператор да го добие тендерот за набавка на мерцедесот од скоро 600.000 евра:

    НГ: Ова со процедурава за набавка за она што ми испрати ти едни…
    ГЈ: Да, да, да веќе ја стаивме у постапка со тоа што ја мислам ви кажав како треба да испадне, треба само да видам неделава требаше некаде да објавиме за да направиме внимателно, пошто е нели 100 посто електронски да не ни улета некој друг нели треба да има нешто…мислам тој човекот шо ми е таму мислам е..отворено му кажав да испадне вака и вака сеа оти не може да не му кажеш, а да испадне…
    НГ: Да де да…
    ГЈ: Така да он рече добро да проучам што е специфично у однос на другиве за да стесниме простори оти…
    НГ: Да да…
    ГЈ: … нели на 100 посто електронски, не моеш да речеш, слушај ти не чиниш, посебно што и тие другите чинат нели…
    НГ: Ама истовремено треба да се пази тој и да не се забораи кога ќе виде како е работата, тој што ќе понуди…
    ГЈ: Е па ние нели ја знаеме вака од прошлиот пат рамката па сега ако забега ако треба па ќе поништиме еднаш па ќе распишеме пак…
    НГ: Да, да…
    ГЈ: Мислам не може да не дере нели…
    НГ: Да да…Ова го примив што го остаи го видов… вчера и ми го најави тој човекот
    ГЈ: Да да, добро јас сакав и му реков да напраи белешка знаете да си имаме да сме на чисто…
    НГ: Да, па тие што викаш ти што останале работи нека ги пратат кај нас и така, кај Лена
    ГЈ: Океј, па јас му реков викам остај ги кај тебе у каса негде дур не се договориме, да не ги шетаме оти они знаете, кај нас мислам без оглед шо максимално дискретно, они мора да напраат од кај е што е… ради нели, да се заштитат со процедура, уште денес ќе ги пратиме у некоја кутија кај Ленче…
    НГ: Кај Лена на рака да…
    ГЈ: Да да, океј договорено претседателе…
    НГ: Пријатно…

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира