МВР ДОПРВА ЌЕ УТВРДУВА КАКО ДА ПОСТАПИ СО ШЕСТЕ ВРАБОТЕНИ ВО УБК, ОСУДЕНИ ДЕНЕСКА ВО „ТВРДИНА 2“

    МВР ДОПРВА ЌЕ УТВРДУВА КАКО ДА ПОСТАПИ СО ШЕСТЕ ВРАБОТЕНИ ВО УБК, ОСУДЕНИ ДЕНЕСКА ВО „ТВРДИНА 2“Катица Јанева, специјална јавна обвинителка, пред влезот на МВР во октомври лани, кога СЈО успеа да влезе во УБК. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи ќе ги испита законските можности како да постапи со шесте вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кои денеска беа осудени на условни затворски казни од девет месеци до една година, во случајот со незаконското палење илјадници списи, докази за прислушување во случајот „Тврдина 2“ на Специјалното јавно обвинителство.

    Министерот за внатрешни Оливер Спасовски на денешниот брифинг со новинарите кажа дека шесте осудени лица сè уште работат во МВР и дека додека бил технички министер за внатрешни работи во Владата на Емил Димитриев, која што беше формирана по договорот во Пржино, ги суспендирал сите вработени во УБК кои биле осомничени од СЈО за уништување на докази за прислушувањето.

    „Но, од 19 мај годинава, кога заминав од функцијата во МВР, тие повторно биле вратени на работа“, рече Спасовски.

    Од МВР велат дека пресудата со која што шесте вработени во УБК се осудени на условни казни, е донесена денес и сѐ уште не е правосилна, па ќе ги испитаат сите законски можности и ќе ги применат согласно законските одредби кои следуваат за вакво кривично дело.

    За истото дело, поранешниот началник на Петтата управа во МВР, избеганиот Горан Грујевски, денес доби затворска казна од една и пол година.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира