АБУ ДАБИ ОТВОРИ МУЗЕЈ ЛУВР ОД МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ

    АБУ ДАБИ ОТВОРИ МУЗЕЈ ЛУВР ОД МИЛИЈАРДА ДОЛАРИИзградбата на музејот Лувр, кој од три страни од опкружен со вода, траеше десет години (Фото: ЕПА)

    Абу Даби, по десет години изградба, конечно, ги отвори вратите на новиот спектакуларен музеј Лувр, во обид да се претстави како град на културен туризам.

    Со инвестицијата од милијарда долари, Абу Даби се надева дека ова ќе биде нова голема градска атракција. Првичниот буџет за изградба на музејот бил 654 милиони долари, но Абу Даби морал и на Франција да ѝ плати стотици милиони долари за користење на името Лувр.

    Опкружен со вода од три страни, 23-те галерии на музејот, сите различни по изглед, се дом на 600 слики кои ги има купено и на уште 300 кои се земени на заем од 13 француски институции. Тука ќе бидат изложени слики од Пабло Пикасо, Винсент ван Гог, Пол Гоген, Џексон Полок и на Аи Веивеи, меѓу другите.

    Музејот има 23 галерии, сите различни по изглед, во кои се изложени околу 900 дела (Фото: ЕПА)

    Францускиот претседател Емануел Макрон беше почесен гостин на отворањето, со други државници.

    „Тоа е повеќе од музеј. Тоа е центар за мир, прифаќање, толеранција и едукација“, кажа Мохамед ал Мубарак, кој е претседател на одделот за култура и туризам во Абу Даби.

    Во музејот ќе има многу дела од непроценлива вредност, како статуа од Сфингата, која датира од 6. век п.н.е. и мермерна биста од Александар Македонски.

    И мермерна биста од Александар Македонски е меѓу вредните изложени артефакти (Фото: ЕПА)

    Меѓу сликите ќе биде една од Леонардо да Винчи, создадена меѓу 1495 и 1499 година, наречена „Портрет на непозната жена”, која неодамна е обновна.

    Музејот првично бил планиран да се отвори во 2012 година, но поради глобалната финансиска криза и тогашните ниски цени на нафта, Абу Даби направи застој во трошењето.

    Цената на една карта за музејот чини 16,80 долари и сите 5.000 карти за отворањето беа распродадени.

    „Културата е елемент, со кој ќе се разликуваме од сите останати. Ние ќе привлечеме различен вид на туристи”, рече Саиф Саид Гобаш, кој е генерален директор на Одделот за култура и туризам.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира