Андре Агаси најави дека Новак Ѓоковиќ би можел да биде подобар од кога било, кога наредната година ќе се врати на тениските терени.
Српскиот тенисер падна на 12. место на АТП-листата, што е негов најлош пласман од март 2007 година, откако уште во јули објави дека ќе го пропушти остатокот од сезоната поради повреда на лакотот.
За тоа време, неговите најголеми ривали Рафаел Надал и Роже Федерер ги освоија сите четири гренд слем титули оваа година и ги презедоа првите две позиции на светската ранг-листа, но Агаси ги предупреди дека ќе имаат многу проблеми со Ѓоковиќ во наредната сезона.
„Новак само наиде на лош период во кариерата, не стравувам за него. Тој е еден од оние таленти на коишто не им е важно кој е од другата страна на мрежата. Да бидам искрен, јас не сум му потребен за да почне повторно да победува, но можам да му помогнам да стане подобар од кога било. Очекувам тој да има извонредна 2018 година. Надал и Федерер ќе си имаат многу проблеми со него“, изјави Агаси, кој ја почна соработката со Ѓоковиќ пред годинашниот Ролан Гарос.