Министерството за образование ќе прави законски измени со кои што ќе се воведат казни за непочитување на правилникот за стандардите за исхрана и за оброците во основните училишта. Ова денес го најави министерката за образование и наука Рената Дескоска, на одделенскиот час за здрава исхрана во основното училиште „Аврам Писевски“ во село Бардовци, на кој што присуствуваше и претставникот на УНИЦЕФ во земјава Бенџамин Перкс.
Потребата од воведување санкции за непочитување на правилникот за исхрана, Дескоска ја објасни со фактот дека тој не се почитува, бидејќи е необврзувачки.
„Правилникот за стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта не се почитува. Тој не е обврзувачки, поради тоа што не постојат контролни механизми за негово спроведување. Затоа ќе му дадеме обврзувачка сила на овој правилник, а школите и директорите ќе мора да го почитуваат и да внимаваат при одобрувањето и правењето на менијата, односно да внимаваат на квалитетот на храната и здравјето на учениците. Ќе предложиме поригорозни казнени мерки за оние училишта, кои не го почитуваат правилникот“, рече Дескоска.
Таа кажа дека во досегашните извештаи кои биле доставени до Министерството за образование, наведено е дека храната на учениците во целодневен престој не одговара на стручните препораки и норми.
„Според овие извештаи, генералните препораки за енергетски внес се почитувани, но внесот на нутритивно богата храна како овошје и зеленчук, како и млечни производи е исклучително мала. Учениците јадат храна богата со шеќери, калорична храна, но не здрава и квалитетна храна. Ова е проблем кој се проткајуваше низ годините, и време е да ставиме крај“, рече Дескоска.