Австрискиот пијанист Флоријан Фајлмајер вечерва во 19.30 часот ќе одржи концерт во малата сала на Македонската филхаронија, во чест на 20 години Австриска амбасада во Македонија. Фајлмајер, кој е добитник на наградата „Класикпрајс Остерајх“, во Скопје ќе изведе дела од Шуберт, Лист и од Бетовен.
Фајлмајер, во 2002 година се запишал на Школата за поддршка на талентирани ученици во Линц, во класата на Наоко Кноп, а од 2003 до 2008 година, учел во Музичката гимназија во Линц. Во 2005 и во 2007 година посетувал часови кај професори како Сергеј Доренски, пијанистот Кристоф Хинтерхубер, а од 2008 година се запишал на Музичкиот универзитет во Виена во класата на професорот Јан Јирацек фон Арним.
Фајлмајер е добитник на признанија како: прва награда на меѓународниот пијано натпревар во Вернигероде, Германија, победник на виенските „Јамаха“ награди во 2011 година и трето место на меѓународниот пијано натпревар во Вал Тидоне во Италија.