Премиерот Зоран Заев денеска влезе и веднаш излезе од Основниот суд Скопје 1, зашто судењето за “Поткуп”, каде што е тој обвинет, беше спречено да се одржи. Причината е поради тоа што предметот е во жалбена постапка пред Апелациониот суд Скопје, поради посебните истражни мерки, кои беа пуштени на Јутјуб каналот.
Седницата во Апелација е закажана за 27 ноември, каде Заев, како што рече, ќе ги објаснува аргументите зошто тие искористени ПИ мерки кои се најстрога тајна на едно обвинителство додека трае постапката, не може да се користат.
Претходно, судијката Дијана Груевска – Илиевска го одби барањето на Заев за изземање на снимките од овие мерки на обвинителството за организиран криминал, поради што беше поднесена жалбата. Апелација добила мислење за нив од Вишото јавно обвинителство и нема пречка да се одржи расправата на 27 ноември.
Судењето денеска е презакажано за 25 декември.
С. К. ДЕЛЕВСКА