Предметот Тврдина-Таргет за сомнежите за нелегалното прислушување на граѓани од 2009 до 2015 година, од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР, почнува на 22 декември, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Основниот суд Скопје 1.
Овој суштински предмет на Специјалното јавно обвинителство се паднал кај судијката Ленка Давиткова.
„Во однос на предметот во јавноста познат како Таргет/Тврдина , по одобрување од советот за оценка на обвинителен акт,
распределен е на понатамошно постапување кај судечки совет со кој претседава судија Ленка Давиткова, а главната расправа е закажана за 22.12.2017 во 10:00 часот“, ни одговори канцеларијата на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
До тогаш се очекува да бидат екстрадирани од Грција главните обвинети Горан Грујевски и Никола Бошкоски, едниот тогашен началник на Петтата управа во МВР, обвинет за незаконското прислушување на стотици граѓани, другиот извршител на наредбите. Грујевски е обвинет и за уништување на системите на МВР со кои се вршело прислушувањето со години.
Бошкоски е извршителот на наредбите на Грујевски. Тие на први декември имаат рочиште во Солун зашто беа фатени со фалсификувани пасоши на аеродромот, во обид да пребегаат во Унгарија.
Останатите обвинети: Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски се во Македонија. Ним им се одземени пасошите како мерка за обезбедување присуство.
Специјалното јавно обвинителство вчера соопшти дека ја доби првата правосилна пресуда од сите случаи што ги поведе откако е основано, а таа беше токму за обвинението Тврдина – Таргет.
Условна осуда доби обвинет од овој предмет, кој признал вина помагање во кривичното дело. Судската постапка за ова лице е завршена тајно поради заштита на неговата безедбност, бидејќи ова лице, освен што ја признало вината, дало придонес и во докажувањето на делот со бришењето на логовите од прислушувањето во УБК, како што утврди странски експерт.
Оваа постапка, водена издвоено, е почната и завршена без присуство на јавноста во Основниот суд Скопје 1. Се завршила брзо, со претходна спогодба на обвинетиот со СЈО за признавање на вината.
С. К. ДЕЛЕВСКА