Судскиот совет денеска избра само еден кривичар, а ги пополни двете празни места во граѓанскиот оддел во во Апелациониот суд Скопје, за вкупно 4 огласени судиски места. На огласот се пријавиле дури 73 кандидати, 33 за двајца кривичари, 40 за двајца апелациони судии – граѓанци.
За судија – кривичар во Скопска апелација избрана е Тања Милева од Основниот суд Велес. Кандидатите од заедниците кои не се мнозинство, не ги добија потребните гласови, па едно од местата остана празно.
Од Основниот суд Скопје 1 се пријавиле најмногу кандидати за двете места. Меѓу тие кои не добија гласови од Судскиот совет беа судиите: Дијана Груевска – Илиевска, Владимир Панчевски, Александра Попстефанија, Елена Јосифовиќ, Ивица Стефановски, Верка Петковска, Љупчо Спировски, Бранка Наумовска, Љубинка Башевска, Гордана Спиревска, Лидија Зимбовска, Татјана Михајлова, Ѓоко Ристов, Горан Бошевски, Весна Димишкова, насер Хаџиахметагиќ, Хамдирефет Бафтијари и уште многу други.
За апелационен судија – граѓански дел избрани се судиите Мелек Алија Елези и Зоран Герасимовски.
За врховен судија – кривичар од редот на заедниците, избран е апелациониот судија од Скопје Африм Фидани. Од трите кандидатки од мнозинството, ниту едната немаше доволно гласови, па „македонското“ место во огласот, остана празно.
Александар Камбовски од Основниот суд Битола беше избран за судија – кривичар во Битолска апелација.
Судскиот совет избра и претседатетели на судови, па така, за претседател на Апелациониот суд Штип сите до еден членови гласаа за долгогодишниот судија Наќе Георгиев, за претседател на Основниот суд Куманово беше избрана Снежана Манев, на Тетовскиот основен суд Хасан Асани, а на ОС Ресен, судијката Емел Кранли.
Претседател на Основниот суд Дебар не беше избран, зашто тројцата кандидати не добија доволно гласови.
С. К. ДЕЛЕВСКА