КАВАДАРЦИ ЌЕ ДОБИЕ ТРИ НОВИ МЕРНИ СТАНИЦИ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ

    КАВАДАРЦИ ЌЕ ДОБИЕ ТРИ НОВИ МЕРНИ СТАНИЦИ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТГрадоначалникот Митко Јанчев и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип проф. д-р Блажо Боев потпишаа меморандум за соработка (Фото: СДК.МК)

    Три нови мерни станици за амбиенталниот воздух ќе добие Кавадарци, соопштија кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и ректорот на Универзитетот  „Гоце Делчев“ од Штип  проф. д-р Блажо Боев, откако потпишаа меморандум за соработка. Кавадарци останува меѓу најзагадените градови во државата, покажуваат мерењата на ПМ 10 честичките кои секојдневно се презентираат пред јавноста, а кавадарчани со години бараат одговор на прашањето кои се вистинските загадувачи во градот.

    Кавадарци сега има само една мерна станица во новиот центар на градот.

    „До крај на декември ќе ја поставиме првата нова мерна станица која е донација од Универзитетот. Ќе следуваат втората во селото Ваташа и третата во новиот центар на Кавадарци. Универзитетот како истражувачка научна институција врз основа на тие податоци ќе прави елаборати и физибилити студии да го откриеме точното загадување на градот и да наоѓаме заеднички предлог решенија за намалување на загадувањето“, рече Јанчев.

    Мониторинг станицата ќе биде врзана во системот за информирање на граѓаните за она што се случува со амбиенталниот воздух, рече Боев.

    „Тоа е гест на добра волја од наша страна, да покажеме дека сакаме сериозно да соработуваме со локалните заедници. Се надеваме дека некаде до февруари ќе монтираме уште најмалку две станици кои ќе го покријат цел град, за граѓаните да имаат правилни информации за тоа што се случува со амбиентот“, рече Боев.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира