„Снежната кралица“ според мотивите на Ханс Кристијан Андересен, по текст на Билјана Крајчевска и режија на Драгана Милошевски- Попова, е новата претстава во Театарот за деца и младинци, која премирено ќе се изведе в среда, во 19 часот.
Класичната бајка од Андерсен, напишана во 1844 година, втор пат се поставува во ТДМ, по куклената поставка во 2005 година.
Режисерката денес рече ова е претстава за љубовта и растењето, во која се натпреваруваат две доминантни сили. Снежната кралица со своите невидливи сили, лукавоста и злото на која ја тера осаменоста, е претставник на ладниот разум и не може да сфати дека постојат луѓе кои што се спремни да се откажат од сопствениот интерес и да се жртвуваат заради љубовта и пријателството.
„Во оваа претстава не нудиме одговори спакувани во убава хартија со панделка, туку ги провоцираме децата да размислуваат и сами да донесат заклучок“, рече Милошевски- Попова.
Екипата додаде дека првичната идеја била да направат претстава според популарниот Дизниев филм „Ледено кралство“, но потоа се одлучиле за авторска верзија по бајката на Андерсен.
Драматургот Крајчевска, вели дека направиле современа верзија на текстот на Андерсен, кој раскажува приказна за пријателството кое што не може да се растури, пријателство на кое што му закануваат сите опасности на современото општество .
Играат: Ана Левајковиќ- Бошков, Сара Климоска, Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Симона Спировска, Емра Куртишова и Мартин Јорданоски.
Сценографијата е на Кирил Василев, костимите на Андреј Папаз Ѓоргиевски, а музиката на Огнен Анастасовски.
Б. НЕСТОРОСКА