Со буџет од 1,5 милиони денари Министерството за образование и наука ќе финансира научно истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки од млади истражувачи. Рената Дескоска, министерка за образование и наука, кажа дека денес распишале јавен повик „предизвик за млади истражувачи“, кој ќе се реализира преку Фондот за иновации и технолошки развој.
„Почнуваме проект кој води кон менување на општествената свест. Со предизвикот за млади истражувачи, сакаме да го поттикнеме критичкото и креативното размислување, кај младите, да ја негуваме нивната љубопитност за осознавање на светот, на начин на кој ќе ги преиспитува однапред дефинираните вистини. Тоа е целта на повикот“, рече Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Проектите треба да бидат од областите на природните и техничките науки, а процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда или промена на хипотеза по пат на експеримент и набљудување. Според пропозициите од јавниот повик предложените проекти треба да завршат со видливи резултати, да се во согласност со наставните програми и да соодветствуваат со способноста за спознавање на возрасната група.
Со проектот се предвидени и награди за најдобрите истражувачи, кои се поделени на проекти во основното образование и проекти во средното образование. Буџетот на поединечен предлог проект не може да надминува 300.000 денари.
На повикот може да се пријават сите основни и средни училишта, а секој натпреварувач треба да се пријави со натпреварувачки тим кој се состои од: еден до два наставника, како лидери на проектот, и три до седум ученици. Предност имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти, и се поднесени од училишта од рурални средини. Пријавувањето за проектот ќе трае до 15 февруари следната година.