Драмски театар не е отпад за да собира глумци со сомнителен квалитет, вели в.д. директорот Сашо Тасевски, по притисокот од партиски кадри да направи трансфер на актер од друг театар.
„Можете да ме смените од директорското место уште утре, ама нема да дозволам, без да бидам консултиран да ми наметнувате да правам трансфер на глумци од други театри кои не му се потребни на Драмски во моментов. Нивото на квалитетот на Драмски опадна последниве години и поради тоа што се примаа актери преку негативна селекција и разни протекции. Ме назначивте да бидам директор на театар, а не на социјална установа. Зборот МОРА да се прими Станко или Петко, не е соодветен во средини каде се бара талент. Најпосле, има и други театри во градов. Размислете. Убаво би било во иднина да разговараме рамноправно. Во спротивно, барајте си друго дете за директор“, напиша Тасевски вчера на неговиот профил на Фејсбук.
Тој реагира дека во театарот има премногу ангажирани луѓе со договор на дело, за кои платата ја обезбедува од продажбата на билети.
„Драмски има три билетарки, тројца шофери, а нема светло мајстор, гардеробер, кројач, тон мајстор и еден куп други сценски работници. Тие што работат на претставите се ангажирани со договор на дело. Од Министерството за финансии има дозвола за пет вработувања, а на Драмски му требаат 22 за технички персонал. Со години се вработувале луѓе кои не му требаат на Театарот. Тие места за сценска техника ми се многу поважни сега, отколку глумци. Со претходните вработувања веќе имаме доволен број глумци, кои и онака со години не играат на сцена“, вели Тасевски.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски денес изјави дека во овој период Министерството добива голем број барања за префрлување актери и вработени во културата од едно место во друго. Тој кажа дека не се работи за никаков притисок за нови вработувања, ниту за некомпетентни автори или уметници, туку за социјални прашања и барања на самите вработени.
„За разлика од претходната власт, која го користеше преместувањето во други градови од местото на живеење како метод на казнување, ние решаваме барања кога културните работници сакаат од Скопје да се вратат во своите матични градови, но се соочуваме и со ситуација кога оние кои работат во другите театри или во другите културни институции сакаат да си се вратат во Скопје. За жал, тоа е ситуација која произлегува од сè уште актуелната централизација на Скопје и во таа смисла имаме зголемен број такви барања“, изјави Алаѓозовски по одбележувањето на патрониот празник на НУБ „Свети Климент Охридски“.
Б. НЕСТОРОСКА