Доналд Трамп претрпи тежок удар, откако Даг Џонс стана првиот демократ по 25 години кој победил на изборите за Сенатот во Алабама, поразувајќи го неговиот миленик Рој Мур.
Претседателот на САД цело време му даваше поддршка на Мур во контроверзната кампања, и покрај тоа што го следеа обвинувања за сексуално вознемирување на тинејџерки.
Мур, конзервативец кој верува дека хомосексуалноста треба да биде забранета со закон, ги негираше обвинувањата против него, но тоа не беше доволно републиканците да избегнат пораз во една од најцрвените црвени сојузни држави. За јавноста во САД, поразот на Мур претставува голем срам за Трамп.
„Покажавме не само во Алабама, туку и во целата земја, дека можеме да бидеме обединети. Ова го чекав цел живот и сега не знам што да кажам“, изјави Џонс, додека Мур одбиваше да го признае поразот.
„Ова уште не е готово. Знаеме дека Господ сѐ уште ја има контролата“, кажа Мур.
Џонс доаѓа на местото на Џеф Сешнс, кој претходно ја презеде функцијата јавен обвинител.